Театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп на 4 јули се претстави на 12. издание на фестивалот „Мирослав Крлежа“ во Загреб со претставата „Глембаеви“ во режија на Бранко Брезовец. Фестивалот се одржува по повод 130 години од раѓањето на големиот драмски автор и писател.
Јасмина Мицовска-Станкоска, в. д. директорка на ЦК „Марко Цепенков“ од Прилеп, посочува дека Театарот се прикажал во вистинско светло на фестивалот во Загреб.
– Среќна сум и горда од одличниот настап на Театарот „Војдан Чернодрински“ на фестивалот во Загреб. Убаво е чувството кога се добиваат пофалби за претставата, која актерите ја играат со многу радост, посветеност. Аплаузот на крајот е потврда за феноменалната игра на нашиот ансамбл. Горди сме што го претставувавме театарот и Македонија на фестивали надвор од нашите граници. Благодарност до Министерството за култура за поддршката и соработката. Ќе продолжиме и понатаму да бидеме репрезенти на нашата култура“, истакна Мицовска-Станкоска.
Во претставата играат: Андон Јованоски, Даниела Иваноска, Зоран Иваноски, Сузана Брезовец, Димитар Црцороски, Исидор Јованоски, Димитар Ѓорѓиевски, Игор Трпчески и Ана Митоска. Композитор е Никола Мицевски, сценографијата е на Ивана Кнез, а костимографијата на Сузана Брезовец.