Со претстави и гостувања на театарски ансамбли од земјава во текот на цела недела, Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ќе одбележи 75 години постоење и театарска уметност.
Програмата за одбележување на јубилејот е обемна и ќе се реализира од 17 до 23 февруари. Во рамките на манифестацијата „Недела на театарот“, ќе бидат прикажани седум претстави и ќе се одржи панел-дискусија „Од Кир Јања до Ученикот“. Освен претставите „Ученикот“ и „Бура“ од Театарот „Војдан Чернодрински“, прилепската публика ќе ги проследи гостувањата на Театарот за деца и младинци („Роња, ќерката на ограбувачот), театарот „Златен елец“ („Хинкеман“), Велешкиот театар („Вечера за глупаци“), БТ од Битола („Кокошка“) и на МТЗ („Чернодрински се враќа дома“).
Денеска, 17 февруари, во 12 часот ќе се одигра претставата на Театарот за деца и младинци „Роња…“, а во 20 часот гостува Театарот „Златен Елец“ со „Хинкеман“.