Музејот на РС Македонија оваа година ќе биде дел од Меѓународниот фестивал на антрополошкиот филм НАФА (NAFA) 2024 (Nordic Anthropological Film Association), што ќе се одржи од 4 до 7 септември во местото Кабелваг, Норвешка.
Д-р Владимир Боцев е поканет од програмата за визуелна антропологија при Арктичкиот норвешки универзитет од Тромсо, Норвешка, да го презентира Музејот преку предавањето на тема: „Етнолошките документарни филмови во Музејот на Македонија, истражувачки методи и употреба на камерата во создавањето на етнографските филмови“.
„Ова е извонредна можност пред студентите и пошироката норвешка јавност да се покаже една значајна активност на Музејот, но, пред сè, да се покаже дел од живата и уникатна традиционална култура на Македонците. НАФА (NAFA) е еден од најстарите фестивали на етнолошкиот филм, а овогодишното издание е 43. по ред“, информираат од оваа национална установа.