Со претставата „Хеда Габлер“ на Драмскиот театар од Скопје, вечер се отвора 58. издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Претставата ќе биде изведена во Центарот за култура „Марко Цепенков“ како прва од единаесетте претстави во продукција на националните театри селектирани во натпреварувачката фестивалска програма. На отворањето на Фестивалот ќе бидат врачени и признанијата на добитниците на наградата за животно дело – актерите Мими Таневска-Србиновска и Јордан Витанов.
Мотото на 58. МТФ „Војдан Чернодрински“, што ќе се одржи од 7 до 14 јуни во Прилеп, е „Промени се, промени сè“. Фестивалската програма „Ново читање“ ги опфаќа двете потпрограми: „Новото читање на драмите од авторот во фокус – Горан Стефановски“ и „Ново читање на класиците“.