Премиерна изведба на претставата „Без крв“, копродукција на Драмскиот театар од Пловдив и Народниот театар од Велес

од admin_kult

На сцената на Албанскиот театар, во рамките на 49. издание на МОТ, вечер премиерно ќе биде изведена претставата  „Без крв“, копродукција на Драмскиот театар од Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес.

Претставата „Без крв“ е изработена според  истоимениот роман на Алесандро Барико. Преводот на романот е на Тоља Радева, авторската адаптација е на Александар Секулов, сценската верзија и режијата се на Диана Добрева, сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата е на Раде Василев и Елена Вангеловска. Композитори се  Јавор Карагитлиев, Сашко Костов, додека, пак, музиката во живо е од Сашко Костов. Кореографијата е на Олга Панго, а преводот на македонски е од Ана Батева.

− Во спектаклот на Диана Добрева, епот и поезијата, говорот и музиката, гестот и танцот се како буре барут и запалено кибритче. Засилувањето на омразата меѓу луѓето и народите го означува духот на ерата во која живееме. Човекот е сè повеќе сам на „срцето на земјата“. Заедничката претстава на Драмскиот театар – Пловдив и Драмскиот театар – Велес, РСМ,  со силата на уметноста покажува  дека спасот лежи во патот на помирувањето, без крв. И само љубовта ги затвора раните без да ја повтори болката“, информираат од Бугарскиот културно-информативен центар каде што се одржа прес-конференција по повод претставата.

Продукцијата е дел од двегодишниот меѓународен проект „Манифест“ на Драмскиот театар – Пловдив и Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ – Велес. Проектот се реализира со поддршка од министерствата за култура на двете земји, Бугарскиот културно-информативен центар – Скопје, како и Фондацијата „Пловдив 2019“ по отворена покана „Фестивали и големи настани“.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе