Тетовскиот театар вечерва и в сабота, со почеток од 20 часот ќе ја реализира премиерата на претставата „Тартиф“ според Молиер во режија и адаптација на Андреј Цветановски. Претставата ќе биде изведена на македонски јазик во Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.
Како што информираат од Центарот за култура, имајќи предвид дека авторот Молиер е еден од најзначајните автори на класичната драматургија ова претставува голем зафат за целата екипа. Од таму велат дека претставата се работела во интензивен процес кој изобилувал со креативност и добра енергија.
Во претставата играат Тартиф – Ѓорѓи Нешкоски, Оргон – Петрит Незири, Елмира – Миа Кантарџиева – Петровска, Дорина – Марија Цветановска, Дамис – Марко Богдановски, Клеант – Арѓенд Хасани, Маријана – Ирена Мирческа, Валер – Абдула Османи,Пернел – Берат Салиу и Лојал – Шкумбин Зеќири, соопштија денес од Тетовски театар.
Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимите ги изработила Медина Хоџа, додека музиката е создадена од Димитар Андоновски.
Проектот е подржан во годишната програма на Министерството за култура и е втора премиера од програмата на Тетовскиот театар за оваа година, после премиерата Пациентот на Фројд од Миро Гавран во режија на Гент Чајани.