Во рамките на одбележувањето на Денот на Европа, вечер во Македонскиот народен театар премиерно ќе биде изведена претставата „Народен непријател“ од норвешкиот автор Хенрик Ибзен, а во режија на Нина Николиќ.
Претставата е дел од проектот „Патиштата на хероите“ поддржан од програмата „Креативна Европа“, а во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан.
Драматург на претставата е Тамара Барачков, преведувач на драмскиот текст е Маја Трајановска-Ивановска, сценографијата е на Вишња Вујовиќ. Костимограф е Ивана Каранфиловска-Угуровска, дизајнер на светлото е Крис Јегер, композитор е Јоргос Дусос, а кореографијата е на Карис Пекливанидис.
Улогите во претставата ги толкуваат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски.
Претставата ќе биде повторно изведена на 10 мај, а билетите се достапни на веб-страницата на МНТ, како и на билетарницата во Македонскиот народен театар.