Македонскиот национален фолклорен ансамбл „Танец“, кој повеќе од седум децении е симбол на македонскиот фолклор, традиција и култура, продолжува со успешните настапи во рамките на својата северноамериканска турнеја.
Ансамблот во изминатите денови, на големо задоволство на многубројната публика, одржа четири концерти во Канада. Првиот концерт на „Танец“ се одржа во Монтреал, во најстариот, а со тоа и најпрестижен театар во Канада, по што следуваа настапот во Отава и два концерта во Торонто.
Ората „Тешкото“, „Тресеница“, „Копачка“, „Малешевка“, „Роненка“, „Драчевка“, „Сретсело“ и многу други, надополнети со вокалните и оркестарските точки, беа само дел прекрасните изведби пред задоволната публика во овие градови во Канада.
Во рамките на концертната турнеја, „Танец“ продолжува со настапи во Детроит, Чикаго, Питсбург, Кливленд и завршниот концерт во Њујорк на 22 мај.