Гостувања на десет европски автори, четириесетина македонски учесници од различни генерации, претставници од реномирани издавачки куќи и фестивали од пет држави од регионот ќе донесе фестивалот „Букстар“ (BookStar) што почнува денеска под мотото „Ве молиме, вознемирувајте!“ („Please do disturb“).
Фестивалот е ориентиран кон одговорно однесување во рамките на заедницата, во насока кон подобрување на општествените состојби и инклузивноста, како и кон екологијата, а ќе го отвори Лидија Димковска со говор на тема „Со или без Please“.
– Слоганот на фестивалот е пресликан во програмските активности, така што донесува автори кои се заинтересирани да ги согледаат општествените проблеми и на нив да одговорат преку своето гласно книжевно и општествено дејствување. „Букстар 2023“ е повеќе од настан, тоа е инспирација за оние што веруваат дека текстовите на денешницава поттикнуваат промени, нудејќи погледи кон светот каде што зборовите не се повеќе букви втиснати на хартија туку – повик за будење – се наведува во најавата.
Прва фестивалска програмска активност е доделување на наградата „Драги“ за 2023 г. Доделувањето ќе се одржи на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, а во најтесен круг за наградата се преведувачите: Љубица Арсовска, Никола Ѓелинчески, Иван Шопов, Анастасија Ѓурчинова и Златко Панзов. Потоа ќе биде потпишан меморандум за соработка меѓу издавачката куќа „Антолог“ како организатор на наградата и Филолошкиот факултет како партнер, а ќе биде доделена и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик. Најавено е и лично присуство на преведувачката на настанот.
Предвидено е учесниците и гостите да ги поздрави министерката за култура Бисера Костадиновска-Сојчевска, како и обраќање да има евроамбасадорот Дејвид Гир, кој ќе ѝ ја додели наградата „Букстар 2023“ на Наџат ел Хачми за романот „Во понеделник ќе нè сакаат“.
Дел од авторите кои гостуваат се и: Наџат ел Хачми (Шпанија) – добитничка на наградата „Букстар“, Миљенко Јерговиќ (Хрватска/Босна и Херцеговина), Лидија Димковска (С Македонија/Словенија), Бранко Росиќ (Србија), Драго Гламузина (Хрватска), Луцие Фаулерова (Чешка), Стефан Хертманс (Белгија), Ања Мугерли (Словенија), Франсис Кирпс (Луксембург) и Софи Хана (Обединето Кралство).
На Фестивалот ќе се одржи прва панел-дискусија меѓу четворица автори и нивните преведувачи, во контекст на проектот „Создадено во Европа: Моќта на различноста“.
Во периодот од 2 до 4 октомври секој ќе има можност да ги запознае авторите.
Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, книжевната мрежа „Традуки“, ЕУ со тебе (Eu with YOU), издавачката куќа „Антолог“, а одделни настани и од: Чешкиот книжевен центар, Центарот за фламанска литература, Европската Унија, Културно-информативниот центар на Република Бугарија во Скопје и амбасадите на Чешка, Шпанија и на Белгија.