„Недела на Бах“ е наречен настанот што ќе се одржува од 2 до 7 декември на различни локации во Скопје.
Во рамките на настанот ќе се одржат концерт, музички работилници за деца и предавања, кои од различни аспекти ќе ни ги претстават музиката, филозофијата и животот на најголемиот композитор на сите времиња, Ј. С. Бах.
По тој повод, денеска на Факултетот за музичка уметност, со почеток во 13:00 часот, нашиот пијанист Дино Имери ќе одржи отворено предавање пред студентите, на кое ќе се осврне претежно на создавањето, идејата и композиторската структура на „Голдберг-варијациите“, најпознатото и најкомплексно дело на славниот композитор.
Централниот настан на „Недела на Бах“ е концертот на Дино Имери, со наслов „Кодот на Бах“, што ќе се одржи на 4 декември во Културно-информативниот центар (Салон 19:19).
На 6 и на 7 декември за децата во ООУ „Љубен Лапе“, односно за децата во СОС „Детско село“, ќе се одржат музички работилници во вид на претстава, под наслов „Голди, Бах и музичкото село“. Автор на приказната е Тина Иванова, којашто ќе се јави и како наратор, заедно со пијано-придружба и нарација на Дино Имери. По завршувањето на целиот настан, во просториите на ЕУ Инфо-центарот ќе се одржи отворено предавање за творештвото на Ј. С. Бах „Универзалниот јазик на Бах – што неговата музика може да нè научи денес?“.
Настаните се реализираат во соработка со Амбасадата на Германија и со поддршка од Министерството за култура и туризам.