Триесет и третото издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“ почнува денеска и ќе трае до 22 август, а ќе биде посветено на поезијата на Ристо Лазаров и на творештвото на охридските уметници Славко и Никола Упевче.
Заедничката изложба „Татко и син Упевче (цркви и мозаици)“ ќе биде поставена на отворен простор и во тремот на црквата „Успение на св. Богородица“ во село Велестово. Во таа пригода ќе биде откриен мозаикот на кој е претставено логото на манифестацијата што го изработи Никола Упевче. Беседа за Ристо Лазаров ќе одржи Димитар Пандев, а негови стихови ќе интерпретира Ивица Цонев. На гитара ќе настапи музичарот Мартин Милески.
Интернационалното читање ќе се одржи на 21 август со почеток во 18 часот во кафе- барот „Шила“ во Охрид со поезија од: Кристин Омарсдотир и Сигурбјорг Трастардотир од Исланд, Надија Реброња од Србија и Андреј Ал-Асади од Македонија.
Поради ситуацијата со корона-вирусот, поетесите од Исланд ќе се претстават преку видеопроекција.
Последната вечер со наслов „Поезија ‒ Залез“ ќе се одржи на 22 август, со почеток во 18 часот, на локалитет во Велестово, а поезија ќе читаат поетите: Д. А. Лори, Надија Реброња, Сашо Огненовски, Ивана Јовановска и Андреј Ал-Асади.
Годинашново издание на манифестацијата ќе се одвива според препораките и протоколите за заштита од КОВИД.