Во кафе-книжарницата „Буква“ од денеска до 22 септември ќе се одржува книжевно-мултимедијалниот фестивал „ArtArea/Артерија #8“. Вечер ќе се одржи промоција на „Градоначалникот на Хипнополис“, книга од Лидија Капушевска Дракулевска и Владимир Мартиновски посветена на творештвото на Влада Урошевиќ. Со авторите ќе разговара Владимир Јанковски.
„ArtArea/Артерија“ е книжевно-мултимедијален фестивал што ја поттикнува и ја промовира современата парадигма на интегративно и интерактивно културно дејствување. Организатор на фестивалот е издавачката куќа „Бегемот“.
На годинашното издание ќе може да се проследат шест промоции на книжевни дела, два музички настапа, краток документарен филм и изложба на фотографии.
Фестивалот се одржува со поддршка од Министерството за култура и книжевната мрежа „Традуки“.