Почна Меѓународната ликовна колонија „Куманово 2024″. На јубилејното 50-то издание учествуваат десет ликовни автори од нашата земја и од Словенија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговона, Црна Гора и Романија. Колонијата ја организира Музеј Куманово, под покровителство на Министерството за култура и туризам и Општина Куманово.
Драгана Спасковска, виш кустос историчар на уметноста, изјави дека станува збор за академски ликовни автори од различни генерации кои работат во различни ликовни правци.
Првата креативна средба е одржана во 1974 година во конаците на манастирот „Св. Прохор Пчињски“ и, иако неколку пати ја менуваше локацијата на одржување поради познатите општествено-политички промени, до ден-денес колонијата се организира непрекинато. Резултат на таа континуирана активност е богатата збирка на дела на НУ Музеј-Куманово, која надминува 700 слики и скулптури.