Почина македонската оперска првенка, мецосопранот Ирена Кавкалевска (1973 – 2024), соопштија од Националната опера и балет.
Телеграма со сочувство до семејството и до Националната опера и балет упати и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој наведе дека нејзините маестрални сценски изведби на посебен начин ја збогатија македонската оперска уметност и дадоа особена препознатливост на македонската култура.
„На сцената презентираше страст, убавина и силни емоции, кои допреа до многумина, а нејзината изведба на Кармен останува незаборавна. Прераното напуштање на овоземната животна сцена, претставува огромна загуба за нејзиното семејство, за колегите од Националната опера и балет, за македонската култура, која останува посиромашна за една извонредна уметница“, напиша во талеграмата министерот Љутков.
Мецосопранот Кавкалевска е добитничка на многу награди, а своето образование го стекна во земјава, како и во: Софиjа, Грац, Загреб. Дебитираше на сцената на МОБ во 1996 година со улогата на Мадалена во „Риголето“. Настапи на многу фестивали и оперски сцени, а нејзиниот репертоар содржи успешни креации во: „Кармен“, „Аида“, „Набуко“, „Моќта на судбината“, „Сестра Анџелика“, „Севилскиот бербер“, „Лилјакот“, „Цар Самуил“…
Погребот ќе се одржи в петок на Градските гробишта во Бутел.