Почина Оливера Николова, една од најзначајните македонски писателки

од admin_kult

Почина Оливера Николова (Скопје, 1936), македонска писателка за возрасни и за деца, една од најплодотворните, најнаградувани и најчитани македонски авторки.

Телеграма со сочувство по повод нејзиното физичко заминување упати и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој истакна дека Николова, која е доајен на македонската култура, со својата повеќедецениска посветеност на литературата за деца и за возрасни, со својот талент и страст, целосно им даде „бесмртност“ на своите книжевни ликови и дела.

„Нашите деца, ние, а верувам дека и многу идни генерации ќе читаат, ќе се образоваат, ќе се радуваат со нејзините книги, за кои сме ѝ бескрајно благодарни!“, напиша во телеграмата со сочувство министерот за култура и туризам, Љутков.

Оливера Николова, која многумина ја нарекуваат „мајка на сите македонски писателки“, ја обележи македонската книжевност во втората половина на 20 и почетокот на 21 век. Дипломирала на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Целиот работен век го поминала во Македонската радио-телевизија, работејќи како уредник и драматург. Таа беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година. И покрај богатиот книжевен опус, Николова е најпозната како автор на првиот градски лик во македонската книжевност – Зоки Поки. За своето творештво, Николова доби многубројни награди.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе