Ненадејно, во 61-та година од животот, почина врвниот инструменталист и композитор, првенецот на „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот, Милан Завков.
Неговата љубов кон музиката започнува од детството. Завков почнува да свири хармоника од 8-годишна возраст, а веќе на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец“ со кој раководел Ѓорѓи Димчевски.
На сцената има соработувано со многу имиња, а зад него ќе останат над 150 авторски творби, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија, меѓу кои врвни хит-мелодии.
Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и се здобива со углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторот на поранешна Југославија. Од 2000 година Милан Завков е вработен во Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, како музичар-инструметалист првенец и долгогодишен раководител на оркестарот, со кој остварува многубројни концерти и турнеи во земјава и насекаде низ светот.