Холандскиот визуелен уметник Јонас Стаал и рускиот колектив од уметници, критичари, филозофи и писатели „Что делат“ (Што да се прави?) подарија уметнички дела на Музејот на современата уметност – Скопје.
Уметникот Јонас Стаал ја подари својата инсталација „Нови сојузи“ (New Unions 2016 – 2019), која е дел од изложбата „Сѐ што ни е заедничко“ раководена од Мира Гаќина и Јованка Попова. Додека, членовите на рускиот колектив „Что делат“ го подарија своето видео „Becoming With the Museum“ за постојаната поставка што ќе се отвори годинава во МСУ. Ова видео беше продуцирано од „Контрапункт“ и развиено преку перформанс во рамките на фестивалот „КРИК“, кој во 2017 година се одржа во МСУ.
Претходно и светски реномираната кубанска уметница, Тања Бругуера, ја подари на МСУ – Скопје својата видеоинсталација со наслов „Само-Саботажа“.
Уметничката колекција на Музејот денес располага со богата уметничка колекција – од Пикасо, преку Калдер, Џаспер Џоунс, до Вазарели и многу други кои ги донираа своите дела.