Отворен вториот повик за резиденцијален престој за 2024 година„Културата ја движи Европа – Culture Moves Europe“  

од admin_kult

Посебната акција на Европската комисија „Културата ја движи Европа – Culture Moves Europe“ е наменета за поддршка на мобилноста во културните и креативните сектори во 40 земји, полноправни учеснички во програмата Креативна Европа, меѓу кои и нашата држава.

Европската комисија на 16 октомври 2023 година го објави вториот повик за организациите  домаќини на резиденцијалните престои во рамките на оваа акција. Втората грантова линија, исто како и линијата за индивидуална мобилност, ја спроведува Гете-институтот во рамките на програмата Креативна Европа. Краен рок за поднесување на апликациите е 16 јануари 2024 година.

Грантовата линија има цел да ја поттикне соработката на организациите/домаќините, уметниците и/или културните професионалци од различни профили и дисциплини во смисла на  понатамошен развој на уметничкиот и културниот екосистем низ Европа.

Конкретни цели на повикот се:

  1. Истражување (спроведување истражување, истражувачка работа на одредени теми или нови концепти)
  2. Создавање (вклученост во колективни креативни процеси преку кои ќе се произведат нови уметнички/културни дела/продукти)
  3. Учење (подобрување на компетенциите и вештините на учесниците преку неформално образование или соработка со стручни лица)
  4. Поврзување (развивање професионална мрежа, јакнење на професионалниот развој на учесниците, вклучување нова публика)
  5. Трансформација (придонесување кон општествените промени во согласност со интегрирање на европските вредности и принципи на новиот европски Баухаус).

Грантовата линија за резиденцијален престој е наменета за правни лица (непрофитни организации, невладини организации, јавни институции, фондации, компании и самовработени лица) кои професионално дејствуваат/работат во следниве области: музика, литература, архитектура, културно наследство, дизајн и моден дизајн, визуелни уметности и изведувачи.

Организацијата домаќин може да аплицира за проект за престој на уметници и/или културни професионалци со времетраење од 22 до 300 дена. Во рамките на еден проект/апликација може да се поканат за престој максимум пет меѓународни уметници и/или културни професионалци.  Учесниците во проектот мора да имаат наполнето 18 години и да се државјани на земјите учеснички во програмата Креативна Европа.

Финансиската поддршка на проектот е наменета за патните трошоци на уметниците и/или културните професионалци во износ од 350 до 700 евра, за трошоците за нивниот престој во износ од 35 евра дневно за лице кој се доделува на организацијата домаќин, како и за дневни трошоци во износ од 25 евра по лице за уметниците и/или културните професионалци. Организацијата  домаќин има обврска да обезбеди сместување за учесниците во проектот, простории, материјали и опрема за нивната работа, а во зависност од нивните активности, и соодветно менторство. По можност, организацијата домаќин треба да овозможи и соработка на уметниците и/или културните работници  со локалната заедница во насока на поддршка на локалниот уметнички и културен развој и да обезбеди нивна видливост.

Се очекува да се поддржат над 1000 уметници, професионалци, организации домаќини кои се заинтересирани за спроведување на активностите, како што се резиденцијалните престои, до крајот на 2025 година.

Апликацијата се поднесува онлајн преку Goethe-Application Portal, најдоцна до 16 јануари 2024 година, до 23:59 часот.  

Повеќе информации за повикот, за критериумите и за начинот на аплицирање може да најдете на:

https://culture.ec.europa.eu/calls/culture-moves-europe-second-call-for-residency-hosts#about

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе