Триесет и четвртата „Поетска ноќ во Велестово“ ќе почне вечер на сретсело, во 21 часот, со поетскиот портрет на македонската поетеса Лидија Димковска, а ќе заврши на 21 август.
Манифестацијата ќе се одржи на неколку локации во селото Велестово и во Охрид.
„Во програмата се предвидени три поетски читања на кои ќе учествуваат десетина поети од земјава и од странство, ќе биде отворена ликовна изложба, а ќе има и работилница за креативно пишување и иновативно интерпретирање поезија наменета за млади од регионот, како и дебати за важноста на книжевниот превод и за улогата на пејзажот во книжевноста, односно за подигање на свеста за екологијата“, информираат организаторите на „Поетска ноќ“.
Специјални гости на фестивалот и годинава ќе бидат семинаристите што ја посетуваат 55. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ.