„Месецот на Пучини“ во Националната опера и балет ќе се затвори вечер со операта „Турандот“ од Џакомо Пучини, под диригентската палка на Роберто Џанола од Италија. Режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова. Концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстори се Ѓургица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска.
Настапувa солистичката екипа: Хан Јинг Цо (Кина/Италија), Џејмс Ли (Јужна Кореја), Биљана Јосифов, Игор Дурловски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Дејан Стоев, Диме Петров, Марјан Николовски, како и хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата од Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. „Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“ (Nessun dorma).