Филмската програма во Кинотеката на Северна Македонија во првиот дел од октомври e дел од два фестивала: Филмскиот фестивал за млади „Џифони“ –Македонија и Интернационалниот фестивал на дебитантски филмски остварувања „Киненова“.
Веднаш по нив, во повеќе термини, ќе може да се проследи „По тамбурите“ (Po tamburi /Tune Up, 2021) на хрватскиот автор Станислав Томиќ.
Од 15 до 18 октомври во термините од 20:00 ч. на кинотечната програма се Денови на германски филм. „Човек по твоја мерка“, „Рабије Курназ против Џорџ Буш Помладиот“, „Аеиоу: Кратка азбука на љубовта“ и „Копилот“, се филмовите што ќе бидат прикажани.
Резервирано е место и за македонскиот документарен филм „Брод со бисери“ на режисерот Александар Зиков и на сценаристката и главен лик во оваа авантуристичка доку-драма, Регина Икономовска.
На програмата во октомври ќе има уште еден документарец од македонска продукција: „Трн“ на авторите Столе Ангелов и Никола Пијанманов, филм посветен на актерот, активист и борец за граѓански права – Стојан Велков-Трн. Потоа, на 20 октомври (четврток) ќе се одбележи јубилејот – 15 години од снимањето на филмот „Превртено“ – игран филм во режија на Игор Иванов-Изи, работен според романот „Папокот на светот“ на Венко Андоновски, кој е и косценарист.
Ќе се прикажува и „Аризона дрим“ на Емир Кустурица, како и норвешкиот кинохит „Најлошата личност на светот“ на режисерот Јоаким Трир.