По повод 5 Мај – Денот на македонскот јазик, кој што се одбележува втора година, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ (ИМЈ) електронски ќе објави десет книги за афирмација, негување и за проучување на македонскиот стандарден јазик.
Станува збор за книгите „За македонскиот јазик“, книга 11 од Посебните изданија на ИМЈ, објавена во 1978 година под редакција на Тодор Димитровски, на Блаже Конески и на Трајко Стаматоски; Осум зборници (почнувајќи од книга 2) од едицијата „Денови на Благоја Корубин“, основач и главен редактор: Снежана Велковска (најновите зборници ги има на веб-страната на Институтот, а останатите електронски недостапни изданија се во подготовка за објавување); Фототипско издание на „Речникот на презимињата кај Македонците“, во два тома (од 1994 и 2001 година) од авторите Марија Коробар-Белчева, Олга Иванова, Маринко Митков и Трајко Стаматоски и под редакција на Трајко Стаматоски (кому на овој начин ИМЈ му го одбележува 95. роденден).
Во обраќањето по повод Денот на македонскиот јазик, директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска, порачува дека време е 4 200 страници од „Толковниот речник на македонскиот јазик“ да станат достапни во електронска форма за народот и за светот, за што, како што вели, ја бараат поддршката од Владата и од релевантните институции.
„Време е за дигитализација и за електронско издаваштво! Годинашниот Ден на македонскиот јазик нека биде уште еден поттик за тоа!, порачува Јованова-Грујовска.
Институтот за македонски јазик, преку работата на своите проекти, преку постдипломските и докторските студии, како и преку објавените дела, веќе седма деценија ја промовира и ја потврдува азбуката, како и основните принципи за фонетски правопис, за застапеност на граматичките форми и „живите наставки“ (Блаже Конески) од централните говори и за збогатување на речникот од сите дијалекти.