На речиси половина од јазиците што се зборуваат во светот им се заканува исчезнување, а во глобализацијата се зборува за мали јазици кои се соочуваат со предизвик да бидат зачувани. За важноста од негување и заштита на малите јазици е посветен Светскиот ден на мајчиниот јазик – 21 Февруари – определен од УНЕСКО, во чија Декларација за културна разновидност е потенцирано правото на секоја личност да се изразува и да создава на јазик што ќе го избере, а особено на својот мајчин јазик.
Седма година по ред Светскиот ден на мајчиниот јазик беше одбележан во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, а оваа година чествувањето беше поврзано со 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Во програмата учествуваа ученици од четири скопски општински основни училишта „Гоце Делчев“ – од општините Центар и Илинден, од село Љубанци во Општина Бутел и од Горно Лисиче во Општина Аеродром.
„Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право“ и „Јазикот е нашата единствена татковина“ – со овие две пораки од Крсте Мисирков и од Блаже Конески, присутните на настанот во Институтот ги поздрави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека мајчиниот јазик е идентитет и ДНК на секој човек.
– Генерации лингвисти и македонисти го носат товарот на одговорноста на зборовите на Мисирков – со милост да се врати долгот кон сопствениот јазик. Во тоа, Министерството за култура е ваш несомнен сојузник зашто поддршката и афирмацијата на македонскиот јазик се само дел од активностите што ги реализираше во изминатиот период за подобрување на мерките за заштита на македонскиот јазик како дел од нашето непроценливо културно наследство – рече Костадиновска-Стојчевска, потсетувајќи дека со средства од Министерството за култура и од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) веќе е почната дигитализацијата на картотеките на Институтот заради трајна заштита на над пет милиони записи.
Анета Трпевска, државен секретар во Министерството за образование и наука, посочи на поддршката од МОН за проектите на Институтот за македонски јазик за тригодишно истражување на лексиката во народната проза и зборуваше за образовните политики со кои се унапредува наставата на мајчин јазик во земјава, во која уставно е загарантирано правото на учениците припадници на заедниците да се школуваат на својот мајчин јазик во основното и во средното образование.
Во излагањето „Мајчиниот јазик патоказ кон спознавањето“, проф. д-р Весна Костовска од Институтот за македонски јазик рече дека во екот на глобализацијата, речиси 43 проценти од јазиците што постојат се пред изумирање, а тоа значи, рече таа, загуба на голем дел од културното и интелектуалното наследство.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува на 21 февруари, прогласен од УНЕСКО на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година. Во 2000 година 21 февруари е промовиран како Ден на лингвистичка и културна разновидност и мултилингвизам.
Линк од говорот на министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска