Струшките вечери на поезијата започнаа со дистрибуција на изданијата на СВП до јавните установи по претходно спроведена постапка којашто резултираше со владина одлука 64 наслови од изданијата на СВП да се дадат на трајно користење без надомест на други државни органи, правни лица основани од државата, здруженија на граѓани и фондации кои имаат потреба од користење.
Со ова, како што велат од институцијата, голем број универзитети, библиотеки, центри за култура, средни училишта, Институтот за македонски јазик, Институтот за македонска литература, Друштвото на писателите на Македонија и редица други установи ќе ги збогатат своите колекции со репрезентативните изданија на СВП во кои се вклучени добитниците на „Златен венец“, добитниците на „Мостови на Струга“, преведените изданија на добитниците на наградата „Браќа Миладиновци“ и други изданија од богатата издавачка дејност на Струшките вечери на поезијата.
Со оглед на тоа што авторските права за изданијата на СВП се добиени без надомест за изданија исклучиво во промотивни цели и со ограничен тираж, тие не смеат да бидат предмет на слободна продажба, така што со овој чекор се зголемува достапноста на изданијата на СВП до пошироката публика.
Намерата е ова да се воспостави како редовна практика, а во скоро време се планира целосна дигитализација на целокупниот книжевен фонд на СВП со обезбедување соодветна техничка опрема и обезбедување на авторските права, со што ќе се овозможи достапност до домашната и меѓународната јавност.