Петтиот ден од јубилејното 15. издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе започне со отворање на шестото издание на форумот „МакеКоПроДокс“ што од 19 до 21 август ќе се одржи во МКЦ. Форумот ќе биде отворен вечер со претставување на проектите и на авторите кои учествуваат на работилницата за архивски практики во филмот „Замислување архиви“ на 15. „МакеДокс“, што ја водат Кумјана Новакова и Влад Петри.
Главна цел на форумот е развивање стратегиски план за зголемување на копродукциите на документарни филмови меѓу балканските земји. Форумот на едно место собира претставници од регионалните филмски центри, професионалци од областа на документарниот филм и од филмската индустрија и 9 проекти што се во различни фази на продукција, избрани преку отворен повик.
Во рамките на филмската програма, вечер (19 август) во Куршумли ан, со почеток во 21 часот, ќе се одржи македонската премиера на документарниот филм „Молкот на разумот“ од Кумјана Новакова. Имајќи ја предвид комплексната тематика, филмот на Новакова досега ги освои: наградата „Срцето на Сараево“ за човекови права, наградата за најдобра режија на ИДФА во Амстердам, наградата за најхрабар филм на Авторскиот филмски фестивал во Белград, специјалната награда на жирито на Филмскиот фестивал во Торино и многу други. Како филмски проект беше поддржан со уметнички грант од страна на БИРН, а е во македонско-босанска копродукција.
На платото пред Музејот на РС Македонија вечер (19 август) во 20:30 часот ќе биде прикажан и етнолошко-документарниот филм „Хембој“ во продукција на оваа национална установа, чиј автор е етнологот Елизабета Конеска. Снимен во Старата скопска чаршија, каде што сè уште се бојадисуваат стари јакни, панталони, кошули и други видови ткаенини, филмот ги прикажува трите генерации од семејството Незири кои го работат овој занает и го водат дуќанот што го презеле од семејството Бојачиев. Ова е филм за наследството на занаетите и традициите во мултиетничко Скопје.