Жири-комисијата на 20. Меѓународен фестивал на актерот, Никшиќ, Црна Гора, во состав: Зијах А. Соколовиќ, Весна Чипчиќ и Милош Латиновиќ, одлучи две од петте фестивалски награди да припаднат на претставата „Едвард Втори“, според текст на К. Марлоу, режија на Андриј Жолдак, копродукција меѓу НТ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес и Драмскиот театар „Н. О. Масалитинов“ од Пловдив, Бугарија, и тоа: награда за најдобра главна женска улога за Јована Миладинова за улогата на Изабел де Валоа и награда за најдобра споредна машка улога за Васил Зафирчев за улогата на Пирс Гејвстон.
Прексиноќа, на свеченото доделување на наградите, жири-комисијата истакна дека Васил Зафирчев го креира ликот на Гејвстон со особена сценска лирика, но и со прецизни актерски средства кои се потпираат на кореграфија и сценско движење, додека, пак, Јована Миладинова храбро исчекорува од просторот на својот моментален животен хабитус и смело се препушта на значајна режисерска постапка и на фасцинантен начин, низ збор, движење и енергија, го креира ликот на Изабела, жена распната помеѓу љубовта, страста, но и желбата за власт и висините на моќта.
По премиерата на Фестивалот ,,Охридско лето“ во 2023 година, Фестивалот во Никшиќ беше шести фестивал на кој се одигра претставата „Едвард Втори“, која досега ги има добиено следниве награди: „Сцена на крстопат“, Пловдив, 2023 (награда за вонсериско уметничко остварување – Јована Миладинова); МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп, 2024 (награда за млада актерка – Јована Миладинова и награда за костимографија – Раде Василев и Симон Мачабели) и МЕСС, Сараево, 2024 (награда за млад актер/ка – Јована Миладинова).