„Оливера Николова“ е наречена наградата за најдобар необјавен роман за деца и млади, која се востанови во чест на големата македонска авторка и „мајката на сите македонски писателки“, на денот на нејзиното раѓање – 11 март.
Од 11 март е отворен и првиот конкурс за наградата што ќе трае до 11 јуни, а за добитникот, што ќе биде објавен во септември, годинава ќе одлучуваат реномираните: Оливера Ќорвезироска, уредничка и писателка; Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетска професорка и Јагода Михајловска-Георгиева, писателка, како членови на жири-комисијата.
Наградата е воспоставена од издавачката куќа „Арс Ламина“ со поддршка од семејството на Оливера Николова (1936 – 2024), а целта е зачувување на името на писателката, но и ревитализација на еден од жанровите во кои создаваше – романот за деца и млади.