Перформансот „Во моите чевли“ на авторката и изведувач Јована Зајкова денеска, 14 јуни, во 20:00 часот во „Лабораториум“ ќе биде изведен во проширена верзија. Перформансот содржи сплет од современ танц, актерска игра, музика, видео и елементи од кловновство.
Перформансот го започна своето патување како минијатура и во таа форма ја освои втората награда на Фестивалот за кореографски минијатури во Белград, а беше изведен и на фестивали во Гдањск (Полска), Штутгарт (Германија), Брисел (Белгија) и Загреб (Хрватска).
Поголем дел од авторството на перформансот – идеја, кореографија, музика, изведба – е на Јована Зајкова, костимите се заеднички осмислени и изработени од Соња Геговска-Зајкова, краткиот филм што ќе се прикаже како дел од перформансот е осмислен и снимен заедно со Калин Бибан и Марко Зајков, а во него се појавуваат и Никола Зајков и Теодора Пејиќ-Зајкова.
Проектот е поддржан од Министерството за култура.