По синоќешната премиерна изведба на „Кралот Лир“ во рамките на Американската вечер, фестивалската програма на „Охридско лето“ продолжува вечер со музичка содржина, преку концерт на уметниците од „Квинтето Адриатико“.
Ансамблот „Квинтето Адриатико“ е нов проект на италијанскиот пијанист Федерико Ловато, хрватската виолончелистка Латица Аниќ и хрватско-македонскиот контрабасист и долгогодишен соработник на фестивалот „Охридско лето“, Илин Диме Димовски.
Квинтетот е резултат на над дводецениска соработка меѓу Ловато и Димовски преку нивното учество во оркестарот на Фондацијата „Сан Марко“, како и во гудачкиот оркестар „Солисти ин Вила“ во Портогруаро (Италија).
Во квинтетот настапуваат и фантастичната виолончелистка со интернационална кариера, Латица Аниќ, и македонската виолинистка Фросина Богдановска, која е концерт-мајстор на оркестарот во Клагенфурт.
Најновиот член на квинтетот е талентираната виолистка Дагмар Корбар, победничка на годинашниот натпревар „Папандопуло“, водач на секцијата виоли во Холандската филхармонија и асистент-професор на музичката академија во Загреб.
На вечерашниот концерт како гостинка им се придружува и македонската пијанистка која живее и работи во САД, Јана Павловска-Молц.
Концертот ќе се одржи во катедралната црква „Света Софија“ со почеток во 21:00 часот.