Во интерес на точно и правилно информирање, а во врска со одредени реакции по одлуката за доделување на државната награда „Мето Јовановски“ за 2024 година, Министерството за култура и туризам информира дека во согласност со член 12 од Законот за државни награди, државните награди ги доделуваат одбори за доделување на наградите кои се составени од претседател и 12 члена.
Претседателите и членовите на одборите ги именува Собранието на РС Македонија од редот на истакнати лица од областите за кои се доделуваат наградите. Мандатот на претседателите и на членовите на одборите трае две години. Работата на одборите е јавна. Одборите ги донесуваат одлуките за доделување на наградите со тајно гласање, доколку не утврдат гласањето да биде јавно.
Во членот 19 од Законот е наведено дека Министерството за култура и туризам ги извршува само стручните, финансиските и административните работи во врска со доделувањето на наградите.
Министерството за култура и туризам информира дека одборите за доделување на државните награди работат независно, слободно и транспарентно.
Мандатот на одборите е во времетраење од две години. Одборот за наградата „Мето Јовановски“ е именуван на 2 ноември 2023 година и мандатот му завршува на истиот датум во 2025 година.
Јавноста е информирана дека актуелниот Одбор за доделување на наградата „Мето Јовановски“ со која се оддава највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на промоцијата, заштитата и унапредувањето на човековите права е во состав: Александра Цветановска, претседател, и членовите: Александра Бубевска, Филип Стојановски, Лулзим Хазири, Ана Аврамовска, Ашмед Елезовски, Ангел Димитриевски, Тамара Чаусидис, Петар Барлаковски, Наташа Бошкова, Маргарита Гулевска, Вера Коцо и Румена Ѓердовски-Којчески.