Министерството за култура, преку надлежните заводи и музеи, започна со реконструкција и санација на сите споменици и спомен-обележја од Народноослободителната борба, на личности кои дале придонес во борбата против фашизмот и ослободувањето на нашата држава и на настани коишто се случиле во НОБ и се сведоштво за непокорот и борбата за слобода. Како проект на Владата предвиден со буџетот за оваа година, иако во согласност со Законот за меморијални споменици и спомен-обележја се надлежни општините, односно Градот Скопје, Владата го задолжи Министерството за култура во соработка со надлежните институции да се реконструираат сите овие споменици и спомен-обележја кои се силен белег на македонската државност и историја.
Во моментов, Заводот и музеј – Штип, со средства од Министерството за култура, го санираше искучително значајното дело Меморијален комплекс на паднатите борци на револуцијата, кој е поставен на источната страна на археолошкиот локалитет „Исар“.
Станува збор за архитектонско-скулптурно дело од архитектот Богдан Богдановиќ, еден од најпознатите архитекти на дваесеттиот век, кој оставил силен печат врз уметничкото и архитектонското наследство на некогашна Југославија.
Делото на Богдановиќ (роден на 20 август 1922 година во Белград, а починал на 18 јуни 2010 во Виена) било избрано на конкурс со цел да се одбележи сеќавањето на загинатите партизански војници и цивили во Штип и Штипско за време на Втората светска војна како чин на комеморација.
За завршувањето на споменичниот комплекс во Штип, на авторот му биле потребни пет години, а неговата свечена инаугурација се извршила на Денот на ослободувањето на Штип, 8 ноември 1974 година.
Екипите од штипскиот музеј во изминатиот период ги исчистија нечистотиите, вегетацијата, многубројните графити на сите делови од комплексот со што се зачуваа изворните, историските, урбанистичко-архитектонските и естетските вредности на делото и се овозможи негово користење за туристички, културни и за други активности.
Во овој меморијален комплекс подигнат во чест на паднатите борци во Народноослободителната војна се одбележуваат неколку датуми со учество на делегации, учесници во војната и граѓани, со положување свежо цвеќе и комеморација. На комплексот се одбележуваат: 11 Октомври, Денот на почетокот на народното востание во Македонија; 8 Ноември, Денот на ослободувањето на градот Штип; 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.