Факт е дека Министерството за култура не спровело навремени консултации со установите и со надлежното Министерство за труд и социјална политика, а со цел да се обезбеди непречена и законита примена на Законот за работни односи во делот со кој се регулира недела како ден за неделен одмор.
Имено, предметната одредба од Законот се однесува на работни процеси кои се од таква природа што не дозволуваат да се прекине работата поради техничко-технолошкиот процес и потребата од континуитет во работата. Оттука, било потребно навремено да се идентификуваат установите што не е нужно да работат во недела, а со тоа да се почитуваат заложбата и потребата недела да биде ден за неделен одмор.
Во моментов Министерството за култура врши исплата на јануарските плати, во фази. Исплатата зависи од динамиката на анализите што се прават во моментов во согласност со консултациите со институциите и со Министерството за труд и социјална политика, во контекст на почитување на донесените измени на Законот за работните односи, како и на законите што се однесуваат на културата и на одредени дејности во неа, како што е, на пример, музејската дејност.
Министерството за култура работи според насоките и не го крши Законот за работни односи, и сите оние што работеле во јануари во денот недела ќе бидат исплатени во согласност со измените. Проблем се јавува кај некои институции кои, без основа и спротивно на одредбите од Законот за работните односи што се однесуваат на недела ден за одмор, работеле, што, исто така, влијае врз забавената исплата.
Министерството за култура засилено работи на проектирање на буџетот во согласност со измените на Законот, како и на нова реорганизација во институциите за обезбедување услови за оптимална работа на сите установи.