Претставата „Мојот маж“ на Драмскиот театар од Скопје, работена по раскази на Румена Бужаровска и драматизација на Викторија Рангелова-Петровска, а во режија на Нела Витошевиќ ја доби наградата „Актерска бравура“ на театарскиот фестивал „Пургаторије 2024“ што се одржа во Тиват, Црна Гора.
Ова значајно театарско признание беше повод за денешната средба на министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, со в. д. директорот на Драмски театар, Роберт Вељановски, и со актерите кои ги собраа аплаузите, но и гласовите на жирито на фестивалот во Тиват.
На средбата, министерот Љутков упати срдечни честитки за успешното театарско гостување и посака уште многу добиени награди и промоција на театарската уметност и на македонската култура воопшто на сцените во регионот, на европските сцени и пошироко.
Министерот Љутков беше информиран дека претставата „Мојот маж“ за првпат гостува на меѓународен фестивал кој има натпреварувачки карактер и дека станува збор за прва меѓународна награда.
Претставата „Мојот маж“ на Драмскиот театар, која освен што е колаж од расказите на Бужаровска, содржи и авторски монолози, досега има четири награди освоени на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.
Во претставата настапуваат: Сара Климоска, Емилија Мицевска, Сања Арсовска, Наталија Теодосиева, Трајанка Илиева Велиќ, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ и Исмет Шабановиќ.