Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, се сретна со амбасадорката на Република Хрватска, Нивес Тигањ, при што беше потенцирана традиционално одличната соработка во културата меѓу двете држави.
На средбата стана збор за начините и можностите за промоција на проектите од оваа соработка, а беше истакната и големата поддршка што Хрватска, како земја членка на ЕУ, ја дава за евроинтеграцискиот пат на нашата држава.
Соговорниците ги споделија и искуствата од неодамнешната посета на министерот Љутков во Загреб и од средбите со министерката за култура и медиуми, Нина Обуљен Коржинек, и со министерот за туризам и спорт, Тончи Главина, како и за успешниот настап на „Танец“ во полната сала „Лисински“.
Министерот Љутков и амбасадорката Тигањ разговараа за многубројни примери на соработка на институционално ниво во културата во сите области на уметноста, а беше истакнато значењето на активностите на македонскиот Културно-информативен центар во Загреб, при што беше посочена клучната улога што ја има Центарот за зацврстување на односите меѓу двете култури.
На средбата стана збор за интеграцијата на секторот туризам во Министерството, при што беше истакното дека нашата држава е подготвена да ги примени одличните искуства што ги има Хрватска во областа на туризамот, а беше спомената и потребата од директно поврзување на главните туристички дестинации со нови авиолинии.
Министерот Љутков и амбасадорката Тигањ ја изразија подготвеноста за продолжување на поддршката што двете држави ја даваат, во својот домен, на Заедницита на Македонците во Хрватска и на Заедницата на Хрватите во Македонија, потенцирајќи дека токму тие се чувари на традицијата и културата на своите народи и мост за зближување меѓу државите.