Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари работна средба со амбасадорката на Романија во Скопје, Адела Моника Аџинте.
На средбата, соговорниците констатираа дека односите меѓу двете земји се карактеризираат со пријателство и отворен дијалог, како и видлив интерес за градење интензивна соработка во сите општествени сфери, вклучително и во културата.
Љутков и Аџинте истакнаа дека Договорот за соработка во областа на образованието, науката, културата, масовните медиуми, младите и спортот потпишан од владите на двете држави нуди солидна договорна рамка за културна размена на проекти и уметници.
Во насока на засилување на идната соработка во културата и туризмот, на средбата се разгледа и можноста за потпишување билатерален документ меѓу министерствата за култура (туризам) на двете држави, со кој би се остварила подиректна институционална соработка во овие области.
Соговорниците ја истакнаа и важноста на гостувањето на романските уметници на реномираните фестивали во нашата држава, меѓу кои се и „Охридско лето“ и „Скопско лето“, како и претставувањата на македонските автори во Романија. Министерот Љутков го потенцираше и успешното гостување на нашиот реномиран мултимедијален уметник Киро Урдин во Романија, каде што во Букурешт годинава беше претставена неговата изложба со фотографии што Урдин ги направил за време на неговите многубројни патувања во Африка.
Следната година се одбележуваат триесет години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји и во тој контекст стана збор и за организирање туристички форуми на кои ќе се презентираат македонските и романските капацитети во областа на туризмот.
На средбата, романската амбасадорка го потенцираше значењето на развојот на верскиот, транзитниот и велосипедскиот туризам, а упати и покана до министерот Љутков да ја посети изложбата посветена на браќата Манаки, што Амбасадата на Романија ќе ја организира на 21 септември во Битола.
Соговорниците на крајот од средбата се согласија дека двете земји и во иднина ќе останат посветени на добрите меѓусебни односи, со воспоставување подиректна соработка меѓу институциите од областа на културата и туризмот, како и размена на уметници.