Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари средба со директорката на Британскиот совет за регионот, Клер Срс, и со заменичката амбасадорка на Велика Британија, Џулија Смит.
Во пријателска и конструктивна атмосфера, на средбата стана збор за продолжување и засилување на соработката во насока на развој на креативните индустрии.
Љутков и Срс, повикувајќи се на досегашните искуства и на актуелните приоритети на Министерството, се согласија дека има огромен простор за унапредување и развој во сферата на креативните индустрии како гранка која носи економски бенефит и ги поттикнува креативните практичари да ги реализираат своите идеи и да креираат производи кои ќе имаат естетска, практична и применлива вредност, а ќе бидат одржливи на пазарот.
На средбата беше разгледана можноста за зголемување на поддршката особено во модниот дизајн, како еден од најпрофитните во креативниот сектор.
Соговорниците ги споделија искуствата од успешноста на меѓународните форуми за креативно културно претприемништво, организирани од Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии (УМПАКИ), најавувајќи го новото издание на форумот за ноември оваа година.
Со оглед на интеграцијата на туризмот во македонското Министерството за култура и туризам, беа разгледани нови перспективи за интензивирање и проширување на моделите за меѓусебна соработка во насока на засилување на културниот туризам.
На средбата, британската страна изрази силна подготвеност со сопствените капацитети и искуства да помогне во реализацијата на проектот „Скопје – европска претстолнина на културата“.