Во пријатна и особено конструктивна атмосфера, денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, оствари средба со амбасадорот на Република Словенија во Скопје, Грегор Прескер. На средбата беше антиципирана одличната соработка во областа на културата меѓу двете држави и беше лоцирана потребата за споделување искуства во областа на туризмот.
Во изминатите години беа реализирани многубројни настани од областа на културата во двете држави, со акцент на театарската дејност, преку учествата на словенечките театри на манифестациите и фестивалите во нашата држава, како и партиципацијата во Регионалната унија на театри „Рута“. Министерот Љутков и амбасадорот Прескер се осврнаа и на комплексните претставувања на македонската култура во Република Словенија, и во таа смисла го споделија размислувањето, Република Северна Македонија видливо да се претстави следната, 2025 година во безграничната Европска престолнина на културата Нова Горица – Гориција.
На средбата, министерот Љутков ја актуализираше идејата за отворање културно-информативни центри во двете држави преку кои ќе се продлабочуваат културните врски меѓу двете држави, но и ќе се унапреди соработката во науката и образованието.
Со оглед на сличните приоритети во културните политики, министерот Љутков го изрази интересот и за споделување искуства во доменот на креативните индустрии за чиј развој, Министерството за култура и туризам од следната година планира значително поголем буџет.
На средбата стана збор и за заедничките проекти од областа на мултилатералната соработка, меѓу кои е и проектот за повторно воспоставување заедничка постојана поставка во Блокот 17 на Државниот музеј Аушвиц-Биркенау во Полска, координиран од Регионалното биро на УНЕСКО за наука и култура во Европа со седиште во Венеција, Италија. Со оглед на тоа што договорот е потпишан од страна на министрите за култура/претставниците на државите сукцесори, претстои негова имплементација и финализирање на концептот на заедничката постојана поставка во Аушвиц-Биркенау.
Министерот Љутков и амбасадорот Прескер разменија информации и ги разгледаа можностите и за искористување на словенечките искуства во областа на развојот на повеќе туристички гранки што претставува нов предизвик во продлабочување и унапредување на односите меѓу двете држави.
Можностите за соработка меѓу двете држави ќе бидат тема на разговор на министерот Љутков и со неговата словенечка колешка, министерката Аста Вречко, на средбата закажана за овој месец.