Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, оствари средба со амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду, на која беа актуализирани темите во насока на зацврстување и продлабочување на односите во сферата на културата и туризмот меѓу двете држави.
На средбата беше истакнато позитивното искуство имплементирано во заштитата на културното наследство, со учеството на грчките експерти од Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици во конзервацијата на фрескоживописот на цркавата „Св. Ѓорги“ во Курбиново. Беше изразено задоволство од успешно завршената прва фаза за заштита на внатрешниот дел од црквата, и беше најавена соработката за втората фаза – конзервација на ѕидното сликарство на надворешниот дел на ова значајно културно добро.
Амбасадорката Филипиду го информираше министерот Љутков за можностите на Универзитетот „Вестерн Атика“ како институција која има стручен кадар и подготвеност да врши обука на наши конзерватори и реставратори за нивна поголема специјализација во дејноста.
Соговорниците се согласија дека културата е мост преку кој се надминуваат недоразбирањата и е област која нуди големи можности за натамошно продлабочување на билатералните односи.
Министерот Љутков ја информираше амбасадорката за интеграцијата на туризмот и културата во нашата држава, и беше искажана подготвеност за идна соработка и примена на искуствата од Република Грција за унапредување на културниот туризам во нашата држава.
Соговорниците ги споделија и позитивните искуства од пограничните проекти и искажаа задоволство од можностите што се нудат за интензивирање и на овој дел од соработката меѓу двете држави.