Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари средба со амбасадорката на Државата Израел, Н. Е. Симона Франкел, на која беа потенцирани добрите културни врски што ги негуваат двете држави, како и поддршката на голем број проекти од сите дејности на културата.
Во пријателска и срдечна атмосфера, на средбата стана збор за одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави во 2025 година и за соработката со оваа држава, која е регулирана преку Спогодба за соработка во областа на културата, образованието и науката.
Министерот Љутков и амбасадорката Франкел го актуализираа прашањето што ќе биде отворено во иднина – преку Министерството за надворешни работи да се направи дополнително усогласување при што дејноста култура ќе се одвои со посебен договор. Амбасадорката изрази големо задоволство за ваквото решение и за активностите што доведуваат до продлабочување на соработката во областа на културата, но и во областа на туризмот.
Она за што ќе се залагаат двете страни е воспоставување полесни врски за развој на културниот туризам. Амбасадорката Франкел посочи дека во иднина ќе се разгледа можноста за обука и усовршување на стручен кадар археолози, реставратори и конзерватори во Израел.