Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков денеска оствари средба со амбасадорката на Република Куба во Софија, надлежна за Република Северна Македонија, Мариета Гарсија Хордан.
Средбата се одвиваше во конструктивна атмосфера при што соговорниците ги изразија своите заложби за интензивирање на односите во областа на културата и туризмот меѓу двете држави.
Во таа насока беше реафирмирано прашањето за потпишување на билатерален документ врз основа на кој во иднина би се воспоставила соработка меѓу институциите од двете држави.
Љутков и Гарсија Хордан се согласија дека двете држави имаат голем потенцијал за развој на туризмот имајќи го предвид богатото културно наследство и другите природни ресурси со кои располагаат. Министерот Љутков ја истакна важноста на културниот туризам и нагласи дека во иднина ќе се издвојуваат повеќе средства за промоција на Република Северна Македонија во меѓународен контекст.
Амбасадорката Гарсија Хордан го информираше министерот Љутков дека е зголемен интересот на граѓаните од Република Северна Македонија за посета на Куба и дека постојат многу меѓународни фестивали и манифестации на кои би можеле да учествуваат уметници и ансамбли од Република Северна Македонија.