Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков се сретна со петкратниот светски шампион во модерен танц, Анди Исмаили.
„Младиот гостиварец е инспирација за сите нас“, вели министерот Љутков, кој му го честиташе успехот на Анди, оценувајќи го како не само големо достигнување, туку и сведоштво за неговата посветеност, талент и напорна работа.
„Сигурен сум дека ова е само почеток на твојата успешна кариера. Анди продолжи да танцуваш со истата страст и посветеност, и знај дека целиот свет е пред тебе“, рече министерот Љутков.

Министерот упати честитки за највисокото одличје освоено на Светското првенство што се одржа во Киелце, Полска и за менторката на Исмаили, Андријана Петковски од студиото „Брејк а лег“, и за кореографката Карол Ментол од Полска.
Меѓу 72 танчери од целиот свет, Анди доминираше во категоријата „Импровизации во уметнички настап“, (Performing Arts Improvisation), а покрај златото освои и сребрен медал во категоријата „Модерен балет соло за момчиња јуниори“.