На Светскиот ден на театарот 27 март, започна четвртото издание на фестивалот посветен на великанот Петре Прличко, во организација на Здружението на граѓани “Плус публика”.
„Денес во сенката на големата трагедија што се случи пред десеттина дена во Кочани, го славиме 27 Март, Светскиот ден на театарот. Всушност го славиме симболот на човечката креативност, ја славиме слободата, ја славиме сцената која е огледало на нашиот дух, на нашите соништа, на нашите стравови и надежи, на нашите падови и подеми“, рече министерот за култура и туризам Зоран Љутков, наотворањето на четвртото издание на Фестивалот.
Тој посочи дека театарот во својата појавна форма никогаш не бил и никогаш нема да биде само простор за актерска изведба.
„Тој е гласот на колективното искуство, тој е жив организам што пулсира во ритамот на времето. Преку секоја реплика, преку секое движење, преку секоја емоција или една единствена солза или чисто само молк тој не потсетува дека човечката приказна е најважната и најмоќната форма на комуникација. Тука, единствено на сцената, зборот ја има најголемата тежина, емоцијата станува опиплива, а вистината прозвучува од секој агол. Вовреме на брзи технолошки промени и виртуелна реалност, театарот останува незаменлив организам, за културното опстојување на општеството. Тој не само што нѐ потсетува на важноста на непосредниот контакт, туку и неуморно нѐ повикува да размислуваме, да чувствуваме и да дејствуваме. И честитајќи го денешниов ден, сакам да им оддадеме признание на сите режисери, драматурзи, актери, сценографи, костимографи и техничари – на сите што го прават театарот возможен, но најмногу сакам да им го честитам на оние невидливи уметници кои се позади сцената. Нека Светскиот ден на театарот биде потсетник дека уметноста има моќ да нѐ обедини, да нѐ поттикне и да нѐ воздигне“, рече Љутков.