Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, директорката на Управата за заштита на културното наследство, Весела Честоева, поранешниот раководител на археолошките ископувања, проф. д-р Драги Митревски и државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска-Ѓоргова, ја посетија Скопската тврдина Кале каде што извршија увид на состојбата во која се наоѓа ова недвижно културно наследство.
При посетата беше констатирано дека Скопската тврдина Кале е целосно запуштена, целосно изградените музеи предвидени за поставките на археолошките предмети од праисторискиот и отоманскиот период се целосно запоставени, а се видливи и делумни оштетувања, а музејот предвиден за поставката на археолошките предмети од средновековниот период, кој не е дограден, е целосно обраснат со вегетација. При посетата беше констатирано дека во последните седум години воопшто не е инвестирано за какви било интервенции за непосредна заштита, односно за конзервација на откриените објекти.
Министерот Љутков, директорката Честоева и проф. д-р Митревски разговараа за потенцијалот што го има Скопската тврдина Кале, не само како археолошки локалитет туку и како туристичка атракција, со оглед на тоа што за време на посетата, Калето беше посетено од стотина туристи. Беше заклучено дека Скопската тврдина Кале треба колку што е можно поскорo да се ревитализира за да стане активна туристичка атракција со цел промоција на нејзината богата историја.