Министерот Љутков учествуваше на дебата со граѓанските организации

од admin_kult

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска присуствуваше на Годишната конференција на граѓански организации за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество, Национален форум на Цивика Мобилитас која се одржа во хотелот „Холидеј ин“.

По отворањето на настанот, се одржа и дискусија, на која министерот Љутков, покрај другите гости, одговараше на прашањата на претставниците на граѓанските организации, кои се добитници на грантови на програмата „Цивика мобилитас“.

Одговарајќи на прашања од областа на туризмот, Љутков нагласи дека како владин приоритет, освен редовните механизми за финансирање, ќе бидат разгледани и други опции на финансирање.

„Министерството за култура и туризам ќе има годишна програма која ќе биде изготвена заедно со сите чинители во туризмот на која предлозите за поддршка и развој на алтернативни видови на туризам ќе бидат опфатени со конкретни мерки“, информираше Љутков.

Истакнувајќи дека руралниот туризам е особено важен, бидејќи нуди автентични искуства за туристите кои сакаат да уживаат во традиционалниот начин на живот, локалната гастрономија, Љутков нагласи дека овие региони се од особено значење за зачувувањето и понатамошното развивање на традицијата и локалната култура.

„Затоа за да го оствариме потенцијалот на културниот туризам, треба да се направи баланс помеѓу големите туристички центри и руралните средини. Истовремено со правилна стратегија и инвестиции во инфраструктурата, како што се патишта, сместувачките капацитети, и засилена промоција, може да станеме препознатлива дестинација на културната карта на Европа и пошироко“, рече министерот Љутков.

Одговарајќи на прашања за одржување на културни манифестации во училиштата, министерот Љутков потсети дека Владата во својата програма има еден многу значаен сегмент: култура за деца и за млади, и како што рече, во оваа насока, се размислува за развивање на системски концепт за развој на културно-образовни програми и активности за нивна достапност до публиката.

Потенцирајќи дека во наредиот период се планира потпишување на Меморандуми за соработка помеѓу Министерството за култура и туризам или Националните установи од културата и училиштата, министерот Љутков рече дека тие ќе бидат рамка за соработка и контиунирано гостување на театарски претстави, музички концерти и филмски фестивали, кои би се одржувале во основните и средните училишта.

„Министерството за  култура и туризам и јас како министер сум целосно отворен за соработка и за предлози, бидејќи само со едуцирани и образовани млади луѓе кои имаат познавања од културата, можеме да сметаме на сигурна иднина и суштински развој во државата“, истакна министерот Љутков.

За можностите на младите таленти за музика и уметност да имаат студиски посети на ЕУ и средби со младите од земјите во ЕУ, министерот Љутков информираше дека наскоро ќе биде распишан Конкурс за поддршка на студенти на прв, втор и трет циклус студии во странство на студиски програми од областа на културата и уметноста за 2025 година.

„На тој конкурс всушност поддржуваме и млади таленти кои својата доедукација ја продолжуваат на некои од најпрестижните високообразовни установи и академии во странство“, рече Љутков кој најави дека годинава ќе биде поддржано стручно усовршување на дефицитарни кадри во областа на културата за 2025 година што подразбира стручен престој, стручно усовршување и резиденцијални престои на стручни кадри во земјава и во странство.

Програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас“ е поддржана од Владата на Швајцарија, а ја спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска, и ФЦГ од Шведска.

Можеби ве интересира:

Страницата на Министерството за култура на РС Македонија користи т.н. „колачиња“ со цел да обезбеди подобро корисничко искуство. Прифати Повеќе