Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска реализира работна посета на Општина Струмица, при што најави важни капитални проекти што Министерството ќе ги реализира во следниот период. По завршената средба со локалните власти и претставници на културните институции, министерот истакна дека во изминатите месеци е вложен значителен труд во развојот на стратегија за заштита на културното наследство, со цел да се утврдат приоритети за работа низ цела Македонија.
„Денес со големо задоволство ги најавувам четирите капитални проекти што ќе започнат годинава во Струмица“, изјави Љутков. „Овие проекти не само што ќе ја подобрат инфраструктурата, туку и ќе придонесат за зајакнување на нашето културно наследство и подобрување на животот на граѓаните.“
Проектите што беа најавени вклучуваат:
1. Конзервација, реставрација и санација на црквата „Свети Кирил и Методиј“ – проектот ќе биде реализиран во соработка со Заводот и музеј од Струмица и е од исклучителна важност за локалната заедница. За него ќе бидат обезбедени 15 милиони денари, а распишувањето на јавната набавка ќе започне овој месец.
2. Довршување на стариот струмички театар – овој проект, кој беше запоставен од претходната влада, сега повторно е во фокусот на Министерството. За целосната реализација на овој објект се обезбедени над 196.000.000 денари.
3. Проект за покривна конструкција на термалното лекувалиште „Бања Банско“ со поддршка од Европската Унија – проектот е веќе одобрен, а за него се предвидени над 25.000.000 денари. Во рамките на проектот ќе биде поставен информативен пункт за туристи.
4. Конзервација и санација на покривот на манастирот „Св. Леонтиј“ во Водоча – за реализација на проектот, кој е од суштинско значење за историјата на Струмица, ќе бидат одвоени 1.200.000 денари.

Министерот Љутков истакна дека во рамките на посетата, остварил работна средба со Драган Маџиров, директор на ЦК „Антон Панов“, при што размениле информации за тековните активности и за идните програми.
„Очекувам богата културна програма и зголемување на активностите во Струмица, што ќе доведе до значителен напредок на културниот живот на оваа општина“, додаде Љутков.
Со овие проекти, Министерството за култура и туризам верува дека ќе се направат значајни чекори кон развојот на културното наследство и подобрувањето на животот на граѓаните во Струмица.