Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, во дворот на црквата „Свети Петар и Павле“ во Горно Лисиче, присуствуваше на традиционалната манифестација „Илинденски марш“, кој годинава се одржува по 46. пат.
Министерот Љутков им посака успешен пат до славното Крушево на учесниците на Илинденската коњица, притоа истакнувајќи ја важноста на оваа манифестација со која се негуваат традицијата и македонската култура.
„Оваа манифестација е пример за тоа како на најдобар начин највредните историски придобивки од минатото се доближуваат до сегашните и до идните генерации, во напорите да се изградат здрави поколенија, со изразено чувство за припадност и идентитет“, нагласи министерот за култура и туризам, Љутков. Тој се заблагодари и им честиташе на организаторите на „Илинденски марш“, Здружението на граѓани од Горно Лисиче „Илинденски марш 78“, во соработка со манифестацијата „Десет дена Крушевска Република“ и Општина Аеродром, за нивната посветеност во негувањето на културните вредности и доближувањето на историските придобивки до сегашните и до идните генерации.
На четириесеттемина коњаници, меѓу кои и две девојки, учесници на Илинденскиот марш годинава, Љутков им пожела среќен пат до Крушево – вековниот симбол на македонскиот непокор, каде што ќе учествуваат на централната манифестација по повод сто дваесет и првата годишнина од Илинденското востание.
Манифестацијата годинава се одржа со спонзорство од Општина Аеродром, а министерот Љутков најави дека Министерството за култура и туризам во иднина ќе продолжи да ја поддржува и да ја помага оваа манифестација, како што рече, преку која се афирмира континуитетот на нашето постоење.
Манифестацијата беше збогатена и со богата музичка програма со настап на познати македонски естрадни уметници.
Традиционалниот настан и коњаничкиот марш, односно поворката во чест на Илинденското востание и Крушевската Република, почнува од Горно Лисиче, Скопје, и завршува во Крушево. Настанот започнал во 1978 година, а бил организиран од Здружението на граѓани „Илинденски марш 1978 година“.