По пауза од една година поради пандемијата на КОВИД-19, во Галичник вчера и денеска се одржа традиционалната манифестација „Галичка свадба“ на која, по старите галички обичаи, годинава се венчаа младенците Катерина Илиевска и Филип Бундески.
На традиционалното одржување на најпознатата македонска свадба што со векови за Петровден ги собирала печалбарите во родниот крај, меѓу многубројните гости денеска во Галичник беа присутни и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој е покровител на настанот, како и министерката за култура, Ирена Стефоска.
47. издание на „Галичка свадба“ започна со изведбата на традиционалните обичаи и ритуали, со ората „Свекрвино“, „Тешкото“ и „Невестинско“, а продолжи со денешната венчавка на младенците во црквата „Св. Петар и Павле“. Претседателот Пендаровски и министерката Стефоска, по чинот на венчавање, со пригодни подароци со приказ на богатато културно наследство, ги даруваа младенците.
Во пресрет на свадбата, се реализираа неколку музички настани, концерти на составите „Љубојна“, „Тоа е тоа“ и „БендОфф“.
Организатор на „Галичката свадба“ е Месната заедница „Галичник“, а настанот се реализира и со финансиска поддршка од Министерството за култура.
Со „Галичката свадба“ официјално започна и годинашното „Галичко културно лето“, а следуваат Галичката ликовна колонија, Галичката книжевна колонија, прославата на црковните празници „Света Петка“ и „Преображение“ и, за првпат, во периодот од 5 до 8 август, „Галичник филм фестивал“.