– Министерството за култура продолжува со поддршка на успешните проекти и соработка со институциите од областа на културатa во нивната реализација – истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, за време на денешната прва работна посета на националните установи од областа на културата – Националната галерија, Националната опера и балет и Музејот на современата уметност.
За време на посетата на установите, директорите Дита Старова-Ќерими, Васо Ристов и Мира Гаќина ја информираа министерката за култура за нивното функционирање во период на пандемија, за тековните активности, за проектите што планираат да ги реализираат, но и за проблемите со кои притоа се соочуваат.
Старова-Ќерими ја запозна министерката за култура со проектната програма за адаптација и санација на објектот „Мала станица“, за што веќе е потпишан и договорот за проектирање на основниот проект, како и за текот на реализацијата на проектот за заштита на Куќата на Лазар Личеноски.
Директорката на МСУ, Мира Гаќина, пак, ја истакна потребата од одредени интервенции врз објектот на Музејот, а информираше и за другите активности што планира да ги реализира оваа институција во согласност со годишната програма.
Директорот на Националната опера и балет, Васо Ристов, информира дека во изминатата година, и покрај состојбата со пандемијата, беа реализирани претставувања на реномирани уметници и дека прават сè и годинава успешно да ја реализираат утврдената програма.
Министерката Костадиновска-Стојчевска изрази задоволство од денешната работна посета на националните установи, потенцирајќи дека Министерството за култура ќе продолжи со поддршка на проектите во интерес на сите.