Во Музејот на современата уметност – Скопје денеска, 10 јуни, од 10 до 17 часот, како дел од интердисциплинарната програма на Mузејот, ќе се одржи меѓународен симпозиум со наслов „Земјата која се промислува постојано – креативен геофилозофски патопис“.
Како што информираат од МСУ, целта е проектот да создаде услови за квалитативна размена на знаења, соработка и ангажирана уметничка продукција, како суштински средства за генерирање ангажиран однос кон климатските промени и еколошките предизвици.
Меѓу учесниците ќе бидат: Тошија Уено, професор на Катедрата за транскултурни студии на Универзитетот „Вако“ во Токио, Јапонија; Алекс Таек-Гванг Ли, професор на Универзитетот „Кјунг Хи“ во Јужна Кореја; Кристина Коскентола, визуелна уметница од Финска; Рик Долфијн, универзитетски професор од Утрехт, Холандија; Ирена Чаврилска, универзитетска професорка од Гдањск, Полска; Тихомир Топузовски, в. д. директор на МСУ – Скопје и други. Во рамките на симпозиумот се предвидени и студентски презентации од Универзитетот „Утрехт“ во Холандија и од Факултетот за ликовни уметности од Скопје.
Целна група на симпозиумот се новите генерации уметници, експерти, истражувачи, студенти, активисти и членови на невладини организации во земјава.