Од први до деветти ноември во Кинотеката ќе се одржи „Месец на европски филм“.
Во овој месец Кинотеката, заедно со уште многу други кина во 70 различни градови во Европа, ќе ја слави фантастичната разновидност на европскиот филм. Проектот „Месец на европски филм“, предводен од мрежата на кина „Еуропа синемас“, има цел низ различни европски градови и преку различни европски филмови да презентираи специјални програми, настани и ретроспективи.
Овој месец во Кинотеката, во популарно наречената „Недела на филмот“, ќе бидат презентирани јапонски филмови.
Ќе биде прикажан и македонскиот филм „Лена и Владимир“ од Игор Алексов, по сценарио на Александар Русјаков, во кој главните улоги ги толкуваат Сара Климоска и Тони Наумовски. Филмската публика, по неколку успешни патешествија, ќе има можност да го проследи „Домаќинство за почетници“, новиот филмски проект на тетовчанецот со долгогодишна адреса на живеење во Австралија, Горан Столевски.
Како еден вид пауза од играните филмови, ќе биде прикажан документарецот со провокативен наслов „Канабисот ослободува“.
Следуваат шпански филмови со различно време на создавање, од различни автори, со различни естетски колорити. Неколку денови од втората половина на ноември се издвоени за филмовите од авторите кои се од Пиринејскиот Полуостров. Месецот ноември во Кинотеката ќе биде заокружен со презентација на неколку наслови од филмографијата на авторката на документарци, Петра Селишкар.